Единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) го поздрави стапувањето во сила на одлуката за 24-часовно функционирање на заедничкиот граничен премин Шиштавец-Крушево, во областа на Гора, на албанско-косовската граница.
Овој граничен премин до сега функционираше со ограничено време и служеше само за жителите од пограничниот регион, а од денес ќе работи 24/7 и од премин од Ц преминува во граничен премин од Б категорија.
Сметаме дека 24-часовната работа на овој граничен премин ќе ја заживее областа на Гора и нема да служи само за македонската заедница од областа на Гора, туку низ него ќе може да поминуваат сите граѓани на Албанија и Косово, но и пошироко, стои во соопштението на партијата.
Исто така партијата бара од албанската и македонската влада што побрзо да ја стават во сила одлуката донесена на заедничката седница на двете влади во Подградец, на 15 декември 2017 година за 24 часа работно време на граничниот премин Требиште-Џепиште, на албанско-македонската граница кај Дебар и да премине од граничен премин од Ц во граничен премин од Б категорија.
Со 24 часовното функционирање на граничниот премин Требиште-Џепиште ќе му се помогне на македонското населението во областа на Голо Брдо на економски план, бидејќи ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, со што економски ќе зајакнува и ќе се развива оваа област во целина, се наведува во соопштението на МАЕИ.
©Македониум