На вториот ден од официјалната посета на Црна Гора, претседателот Стево Пендаровски во Бар присуствуваше на поставувањето на спомен-плочата на Владимир и Косара, која е изработена во Македонија, во чест на македонско-црногорското пријателство.
Како што информираат од претседателскиот кабинет, Пендаровски посочил дека поставувањето на ова спомен-обележје претставува симбол на блискост и на културно-историската врска помеѓу Северна Македонија и Црна Гора и се реализира по иницијатива на Здружението за македонско-црногорското пријателство и Заедницата на Црногорците во Република Северна Македонија.
„Плочата е во спомен на ликот на црногорскиот кнез Владимир, неговата храброст и човечките идеали, како и легендата за неговата љубов со македонската принцеза Косара, ќерката на цар Самуил, која е опеана во летописот на попот Дукљанин“, објасни Пендаровски.
Спомен-плочата е изработена од страна на македонскиот скулптор Томе Аџиевски и е поставена во Бар, каде што најмногу се негува култот кон кнезот Владимир, кој се смета за заштитник на градот.
©Македониум