Стејт департментот со критики за Бугарија за дискриминација на етничките Македонци

Американскиот Стејт Департмент во годишниот извештај за состојбата со човековите права во Бугарија, ги критикува властите за ускратувањето на човековите права на етничките Македонци. Се посочуваат 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права, за кои се вели дека властите во Софија ги игнорираат.

„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединетата македонска организација ‘Илинден’, Друштвото на угнетените Македонци-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за одбрана на индивидуалните граѓански права и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај 14 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите“, се вели во дел од Извештајот посветен на слободата на здружување.

Притоа се посочува и еден пример од 31 мај, кога Апелацискиот суд во Софија ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација од ноември 2020 година, со која се одбива регистрацијата на Здружението на угнетените Македонци-жртви на комунистичкиот терор со образложение дека „групата ќе спроведува политичка агенда која го загрозува единството и безбедноста на нација и би ги прекршиле правата на останатото население во земјата што не се идентификува како македонско“.

Во однос на слободата на здружување се посочува одбивањето да се регистрираат здруженија на Македонците таму и игнорирање на 14 пресуди од ЕСЧП, како и примери на етничка дискриминација кога на членови на ОМО „Илинден“ во Благоевград не им било дозволено да се изјаснат како Македонци на пописните шалтери.

Прпадниците на ОМО „Илинден“ во овој извештај се споменуваат уште и во делот насловен како системско расно и етничко насилство и дискриминација, при што се посочуваат тврдења од оваа организација за случаи во Благоевград, кога на националните пописни шалтери им кажувале на поединци што сакале да се изјаснаат како Македонци дека „македонска“ не е достапна опција за етничка идентификација.

©Македониум