Во просториите на државниот Комитет за националните малцинства на Република Албанија се одржа работна средба меѓу амбасадорот Данчо Марковски и претседателката на Комитетот Константина Бежани.
На разговорот беа покренати повеќе прашања од интерес на Македонското национално малцинство, а во светло на донесувањето на подзаконските акти во согласност со донесениот Закон за малцинства во Албанија, што меѓу другото е обврска и од Советот за Европа.
Марковски изрази очекување за активно вклучување на Комитетот при спроведување на овогодишниот попис на населението, со цел да се оневозможат било какви притисоци во поглед на слободното изразување на националната припадност.
Заеднички беше констатирано дека националните малцинства имаат особено значајна улога во градењето на пријателски односи, особено што Албанија има позитивен однос кон малцинските групи.
Марковски ја нагласи потребата Комитетот да го засили едукативниот метод за начинот на поднесување проектни пријави,како кон албанската држава, така и кон соодветните европски фондови, со цел јакнење на етничко – културниот идентитет.
© Македониум