Македонското малцинство во областа Преспа ги чува и негува македонскиот јазик и неговите културни традиции, како вредност на соживотот со мнозинското албанско и другите етнички малцинства. Но емиграцијата и се заканува на јазикот и традиците.
Девете села во областа каде што живее македонското малцинство, се наоѓаат едно до друго и го делат истото богаство и природните убавини на Преспанското Езеро. Во таблите на автопатот, што ме доведуваат до ова област, ги читам имињата на селата на македонски и на албански јазик:
Меѓу познатитe и признати интелектуалци, покрај еден од најпознатите романсиери во Албанија Стерјо Спасе и македонски просветител кој целиот работен век го минал меѓу Македонците во Албанија, Никола Беровски, меѓу другите, секако се:
Спасе Мазенковски е роден на 2 септември 1951 година во селото Леска, Мала Преспа. Гимназија и средно економско училиште завршил во Корча и Либражд. Од излегувањето на весникот „Преспа“ тој беше главен уредник. Првото негово дело кое го виде светлото на денот е збирката поезија “Преспа моја“ во 1992, потоа следуваат “Разбојна китка”, “Торбулето на татко ми” – 2000 година, “Преспанска убавица” – 2009 година, репортажи анегдоти и хумор “Лабид и Преспана”- 2010 година, во 2016 година ја објави книгата басни “Р’ѓосани бисери” – која му беше особено драга. А меѓу делата за кои особено се гордееше што успеа да ги објави се “Македонскиот народ во Албанија” во 2016 година и во 2017 година на албански јазик книгата “Кратка историја на Македонскиот народ” која треба да послужи како добра подлога за идните генерации да продолжат со промоција и афирмација на македонската култура и историја во албанското општество затоа што практично може да се каже дека во Албанија воопшто и да немало пишано дело за македонската историја. Спасе Мазенковски почина во 2018 година.
Гуре Дума е роден во 1920 година во селото Глобочани, Мала Преспа. Во Корча завршил средно образование. Од 1948 до 1956 година работел како учител во селата Глобочани, Туминец и Горна Горица. Тој е автор на делото „Мала Преспа“ (2007). Гуре Дума почина во 2008 година.
Д-р Валентина (Илија) Нестор е родена на 16 септември 1971 година во Пустец. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на групата за македонски јазик и јужнословенска книжевност. Од 1996 година работи како лектор по македонски јазик на Факултетот за странски јазици, во Одделот за словенски и балкански јазици во Тирана. Во 2006 година се стекна со звање доктор на науки. Валентина Нестор се занимава со лингвистика, лексикологија и со научно истражувања на македонскиот јазик во етничка Македонија, а пишува и литература.
Илинден Спасе е син на познатиот албански писател од македонско потекло Стерјо Спасе. Тој е роден во 1942 година, во Глобочани, каде го завршил основното образование, а дипломирал на филологија на Универзитетот во Тирана. Работел како учител, редактор, издавач на педагошкото списание на албански јазик (1970-2001), главен редактор на Издавачкиот совет на Институтот за педагошки студии во Тирана, научен работник во Училишниот департмен (сектор за историја на образование) во Институт за педагошки студии. Илинден Спaсе пишува на албански и македонски јазик. Автор е на две збирки раскази. Тој е почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.
Стилијан Апостоли е роден на 24 мај 1950 година во село Горна Горица, Преспа. Од 1982 година е професор во Департментот за стопанство и земјоделски политики при Земјоделскиот факултет во Тирана. Има објавено универзитетски учебници, брошури, научни студии, реферати, информации и др. Ги има објавено и книгите „Проблеми на селските стопанства“(1997); „Преспа, општествено стопански развој“ (2002) и Монографијата „Горна Горица“ (2007).
Крисанта Јанкула е родена на 9 април 1958 година во село Горица, Мала Преспа. Завршила вишо образование за учители на Универзитетот во Елбасан. Се до нејзиното пензионирање работеше како учителка во основното училиште “Отпорот на Горичени” во Долна Горица, Преспа. Автор е на повеке стихотворби и на книгите „Записи од мојот роден крај“ и “Поезија и проза од мојот крај (Долна Преспа, Р. Албанија)”.
Фоте Никола е уредник на програмата на македонски јазик во Радио „Корча“. Во рамките на албанското Министерство за образование подготвува учебници на македонски јазик. Долги години беше член во Комитетот на малцинствата при Владата на Република Албанија од страна на македонското малцинство. Во 2013 година, го препечатува македонско-албанскиот речник на Никола Беровски.
Спасе Танаси е роден во 1965 година во село Зрновско, Долна Преспа. Завршил Факултет за земјоделска економија на Универзитетот во Камза (Тирана). Автор е на научни и литературни дела. На албански јазик ја има објавено стихозбирката „Лирска песна со твоето име“.
Сотир Ристо е поeт од Мала Преспа. Тој е роден во 1974 година во селото Леска, Општина Пустец, каде го завршил основното образование, а Филолошки факултет завршил во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Пишува на македонски и албански јазик. Во Албанија го има издадено својот прв роман „Ноќ на шепотите” за престижната издавачка куќа „Теона”. Во романот се раскажува за животната приказна на Македонците во Албанија за време на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа. Во Македонија го има издадено романот „Продолжено образование“. Во романот вешто ги комбинира Сартр и Ками со Буковски и Селин. Возбудлива авантура на човек кој е постојано и од сè незадоволен.
Дола Шкмби е родена на 14 септември 1986 година во Долна Горица, Преспа. Завршила Медицински факултет во Скопје. Таа е автор на стихозбирката „Крстопатот на солзите“.
Од Мала Преспа, односно од овој дел на Долна Преспа има и бројни други интелектуалци како и бизнисмени, доктори, професори, инженери, новинари, писатели, културолози и други општествени работници, кои заедно со горенаведените македонски личности се бранители на македонското име, јазик, култура, религија, на македонската вистина и на етничка Македонија.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН