Реакција на ОМО Илинден Пирин за изјавата на Андреј Ковачев за македонскиот национален и државен празник 11 Октомври.
Одговорите на идејата на Ковачев како и на сите други барања се два. Прво – НЕ! Второ – Бугарија да си го исчисти својот двор, се вели во соопштението на партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, по повод изјавата на бугарскиот европратеник во врска со македонскиот национален празник 11 Октомври. Ви го пренесуваме соопштението во целост
Набљудуваме природна ескалација на неприродниот процес кој Бугарија ѝ го наметна на Македонија, а македонските влади спротивно од секој разум и достоинство го прифатија. Откако се поставија барања Бугарија да биде ослободена од вина за судбината на македонските евреи, да не биде нарекувана окупаторска, а ниту фашистичка за својата улога како фашистички окупатор во Втората светска војна, логично во ова скала на безумието е и Македонија и Македонците да не се антифашисти и нивната борба да не е ниту народна (зашто не сме биле народ), ниту ослободителна (зашто сме биле ослободени од Бугарија), ниту антифашистичка (зашто Бугарија не била фашистичка) и соодветно да не се слави почетокот на антифашистичката борба во Македонија.
Процесот на замена на улогите ќе продолжи понатаму – веќе се поставија други безумни барања од Бугарија – да се прифати дека Македонците извршиле непостоечки геноцид над Бугарите и обид прогонувањето на македонските националисти и македонските комунисти сталинисти да биде фалсификувано како прогонување на Бугарите во Македонија. Така Македонците ќе станат злите. Ќе треба ние да им се извиниме за сите нивни и злодела со кои не успеале да создадат бугарска Македонија – и за тоа дека сме се бореле против нив и за тоа што сме создале држава и затоа што постоиме. На крајот македонска нација нема да постои, а само спомен за злиот македонизам. Бугарија ќе биде ослободител и спасител, оние што се сметале Македонци – перени мозоци и жртви на монструозен социјален експеримент и инженеринг.
За жал повеќе македонски влади создадоа обичај да се проституира со интересите на македонскиот народ. Зошто токму таква е дијагнозата кога сте готов да преговарате и да се откажувате од своето достоинство со цел материјална добивка, во случајот Европа. Доколку македонските влади се однесуваа нормално и пристојно – никој не би му текнало да ги подигне било кое од горните барања. Но кога покажувате дека и за мајка си сте спремен да преговарате, може да се очекува и многу полошо. Македонските влади очигледно не сфатија дека со попустливост и компромиси не можат да постигнат ништо во однос на Бугарија освен само уште поекстремни барања – ќе продолжат да им ја виткаат кичмата.
Одговорите на идејата на Ковачев како и на сите други барања се два. Прво – НЕ! Второ – Бугарија да си го исчисти својот двор. Во случајот – да си го смени празникот 3 март – тоа не е празник на ослободување на Бугарија, туку слави еден никогаш нереализиран прелиминирен договор, кој вклучува во проектираната Бугарија територии од сите соседни на Бугарија земји, плус Албанија. Тоа ја вклучува цела Македонија што за нас е провокација, а плус тоа е денот во кој започнала акцијата на апсење и испраќање на македонските Евреи во логорите на смртта. Бугарија да си го смени празникот со датумот на Берлинскиот конгрес (кога станува држава) или датумот на влегување во Европската Унија. Или и тие да го земат за празник почетокот на антифашистичката борба во Бугарија – ние нема да им замериме затоа што таа е започната од Македонецот Иван Козарев во Пиринска Македонија.
©Македониум