Македонците во Бугарија се под голем притисок со години. Тие сакаат да докажат дека сме Бугари, но ние сме Македонци. Ние не сме ниту сепаратисти, туку само си ги бараме основните човекови права. Ова е ставот на Македонците од Бугарија кои велат дека нивната желба е потврдена и во 14 пресуди од судот во Стразбур.
„За да го прикријат геноцидот на Македонците зборуваат за сепаратизам. Ние не сакаме ништо друго туку само македонските права. Притисоците врз нас се големи, психички се обидуваат да не спречат, понекогаш физички, страв има помеѓу Македонците да не ги избркаат од работа“, вели Кирил Тилев, претставник на ОМО Илинден.
Позитивно ја оценуваат средбата на Пендаровски со претставниците на ОМО Илинден Пирин, но бараат поголема поддршка од Македонија во остварувањето на нивните права во Бугарија.
„Сакаме да изучуваме македонска историја, на македонски јазик, да гледаме македонска телевизија, ние не можеме тука да гледаме македонска телевизија илии македонско радио“, додаде Тилев.
Единствено притисоци немале вчера кога слободно положиле цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Благоевград.
Инаку под голем притосок и пропаганда од Бугарија биле и Македонците во Албанија каде поради страв од вето за ЕУ Албанија и дозволувала на Бугарија да врши асимилација на тамошните Македонци.
Васил Стерјовски
„Албанија има оставено одврзани раце на Бугарија слободно да ја шири својата пропаганда. По закон се призна бугарско малцинство, но Бугарите не фигурираат во ниту еден попис во Албанија. И затоа во октомври оваа година има попис во Албанија и затоа е целата оваа активност на Бугарија за да прикажат Бугари во регионите каде живеат Македонците“, вели Васил Стерјовски, претседател на Македонска Алијанса за европска интеграција.
Македонците пак од Грција велат дека после Преспанскиот договор можат слободно да се нарекуваат Македонци, но сепак сметаат дека иако тоа е добро за нив, за Македонија тој договор бил штетен. Но како и Бугарија и Грција не признава малцинства во својата држава.
„Преспанскиот договор ако не се менеше Уставот ќе беше многу добар. Но македонските политичари се покажаа како не добри. За нас пак е добар затоа што сега никој во Грција нема право да ме нарекува Скопјанец, затоа што јас можам потоа да го тужам на суд и да добијам“, рече отец Никодим Царкњас, претставник на Македонците во Грција.
Граѓанската организација НЕ ИМА во Прилеп ја организираше 22 семакеоднска средба по повод роденденот на Делчев. Бараат итен прекин на преговорите со Бугарија.
„И бараме формирање на постојано тело при Владата на Македонија кое ќе дава поддршка на деловите на македонскиот народ кој живее надвор од границата од Македонија во остварувањето на нивните права во државите каде живеат“, истакна Илија Богатиноски, в.д. претседател на граѓанското здружение „НЕ ИМА“.
Заклучоците од овaa средбa ќе бидат доставени до Владата на Македонија.