ТОДОР ЧЕПРЕГАНОВ: МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ГО ПОМИНАЛ ИСТИОТ ПАТ НА СВОЕТО ПОСТОЕЊЕ КАКО СИТЕ НАРОДИ И НАЦИИ ВО СВЕТОТ

Преговорите помеѓу Македонија и Бугарија, во доменот на спорот околу „заедничката историја“ и јазикот, се во фаза на рекомпонирање и изнаоѓање на еден поинаков начин за надминувањето на разликите во ставовите.
За наредниот период е најавено отварање на нови комисии, во кои ќе се разговара за унапредување на економските и културните односи, како и отпочнување на преговори кои ќе одат во насока на подобрување на инфраструктурата со која се поврзуваат двете држави.


Проф. д-р Тодор Чепреганов

Сепак, проблемите кои произлегуваат од различното толкување на историските факти, ќе продолжат да се решаваат во формираната Заедничка комисија за историја, каде работите бавно се движат и според информациите, историчарите од двете страни се многу далеку од компромис.

Во меѓувреме, во јавноста беа објавени ставовите на бројни „олеснувачи“, кои ги повикаа премиерите на двете држави да побрзаат со преговорите и да не робуваат на „тезите воспоставени во времето на тоталитарните комунистички режими“, што алудира на старата невистина дека македенската нација е продукт на Коминтерната и на Јосип Броз Тито. Во истата насока, се појави и тезата дека бројни Бугари, „во раната фаза на комунизмот биле асимилирани во Македонци“.

Испровоцирани од тоа, за мислење го прашавме историчарот Тодор Чепреганов, еминентен експерт во своето поле на делување, кој за Плусинфо даде одговор на горливите прашања поврзани со историјата на Македонија, но и за историјата на македонскиот народ.

Во последните неколку денови сме сведоци на паушални квалификации, дека во „раните фази на комунизмот“ голем број на Бугари во Македонија биле асимилирани во Македонци. Дали е тоа точно?

Зачудува констатацијата на одредени научни работници во Бугарија, пред сè историчари, кои тврдат дека во „раните фази на комунизмот голем број на Бугари во Македонија биле асимилирани“. Се работи за паушални изјави без било каква документирана подлога. Со ова тие сакаат да заборават, да ја избришат од свото сеќавање асимилацијата и денационализацијата на Македонците во текот на Втората светска војна, кога фашистичката бугарска окупаторска војска ја окупира Македонија и „администраторите“ присилно ги променија имињата и презимињата на Македонците. Што претставува злодело без преседан. Денес, бугарската политика настојува сите свои злодела да ги препише на Македонците. Ова е истата онаа теза која ја верглаат бугарските историчари дека во Пиринскиот дел на Македонија, Бугарите биле принудувани да се декларираат како Македонци во време на културната автономија. Многу, многу извртени тези кои не држат. Македонците во Пиринска Македонија сè уште се таму каде што биле во Пиринска Македонија и сè уште се не признаени од „демократска европска Бугарија“. Демек нивнот Устав не признавал етнички групи и не можел да се отвора. Како да е херметички затворен. А македонскиот Устав, како да е пачавра, па кој како изрази желба може да го отвора и затвора. И сега желба изразија Бугарите од Македонија да бидат дел од Уставот. Немам ништо против да бидат дел од Уставот како малцинство во Македонија. Но, секоја држава која држи до себе тоа треба да го прави на реципроцитетна основа. Ние нив во Уставот, тие Македонците во Уставот. Тоа е израз на добрососедство и меѓусебно почитување на различностите. Но за жал не ќе да е така. Тие зборуваат за асимилирани Бугари по војната, а тие тоа го прават денес пред очите на целокупната светска јавност и покрај 14 пресуди добиени на судот во Стрзбур.

Устите им се полни со зборови дека ја поддржуваат Македонија на патот кон Европската Унија, но за да се случи тоа Македонците треба да прифатат и признаат дека до 1945 година биле Бугари, а дека по 1945 година и македонските Бугари биле присилувани да го прифатат македонизмот и врз таа основа со присила се формирал македонскиот народ, јазик, култура, обичаи. Ова може да го зборуваат само луѓе кои сè уште не излегле од матрицата на XIX век во однос на идеите за големи држави т.е. вечно неотсонуваниот сон за Санстефанска Бугарија. Тоа се идеите кои се шират и преку системот на образованието во Р. Бугарија. И затоа не треба да чуди што над 80% од Бугарите го подржуват бугарското вето за интеграцијата на Македонија во Европската Унија. Зар е тоа „братски“?!

Сигурно дека ваквите писанија не одат во прилог на градењето на добро соседските односи меѓу Р. Бугарија и Р. Македонија. За да тврдите дека имало асимилација и денаионализација на Бугари во Македонци треба тоа да го аргументирате со архивски документи, а не паушално да се зборува и пишува и врз база на поединечни случаи да се гради историскиот наратив.

Во последно време некои бугарски историчари излегоа со написи за „крвавото коледе“ во кое даваат фантастични бројки за убиени, затворени и интернирани „Бугари“. Нека предочат документ или да дадат список на „Бугари“ кои биле стрелани на плошдатот и на Калето поради тоа што биле „Бугари“, како што направи професорот Стојко Стојков со книгата „Табу“ во која се дадени со име и презиме Македонците кои биле репресирани во Пиринска Македонија од страна на бугарската УДБ-а поради тоа што не сакале да се откажат од својата македонска национална припадност.

А во пописите на населението по војната секој еден заинтересиран може да види колку од населението се декларирало за Бугари во Македонија.

Дали навистина македонската нација е производ на Коминтерната, како што тоа го тврдат бугарските историчари?

Немајќи друга аргументација често ја слушаме фразата од бугарските колеги дека Македонците се Коминтерновска и Титова творба. Бесмислица за која воопшто не треба да се разговара. Мислам дека и самите се свесни дека тоа е невидена глупост и освен себе си, со извесни исклучоци, никого не можат да убедат во тоа. Досега не е познато дека некој формирал вештачки народ и нација преку ноќ. Македонскиот народ го поминал истиот пат на своето постоење како сите народи и нации во светот. Процесот поради пропагандите на „добрите соседи“ бил подолг, но тој процес никогаш немал прекин, се пренесувал од генерација на генерација, за да на крајот се круниса со актот на формирање на македонската држава, јазик и култура. Ретко кој од светот на науката ги поддржува тие тези на Бугарија за бугарските корени на Македонците. Секој еден член на заедницата ја носи во себе индивидуалната и колективната меморија која се стекнува во фамилијата, а се надоградува преку процесот на образованието. Бугарија како држава има своја доктрина во која, за жал, е зацртано непостоењето на македонската нација, јазик и култура и од таа своја позиција не отстапува и ќе остане доследна на тврдењето дека Македонците се творба на Коминтерната и Тито.

Минатата недела домашни интелектуалци се потпишаа на еден проглас испратен до премиерите на Македонија и Бугарија, со кој се осудуваат „удбашките методи со кои се попречуваат преговорите меѓу двете земји“. Дали ова оди во правец на тезата дека ОЗН-а (Одделение за заштита на народот и подоцна УДБ-а (Управа за државна безбедност) го помогнала формирањето на македонската нација во периодот по 1945 година?

Секоја иницијатива од бугарска и македонска страна и на секој добронамерник кој сака односите со соседите да бидат на рамноправна основа, почитување на различностите, признавање на малцинствата, идентитетот, јазикот, културата е за поздравување и заслужува поддршка. Во тој контест за поздрав е и дадената изјава од Кабинетот на претседателот Пендаровски за средба со претставници на македонското малцинство од Бугарија. За жал бројот на оние кои се охрабруваат, од бугарска страна, без двоумење да застанат во одбрана на идентитетот, јазикот и културата на Македонците се малубројни и за жал реакциите на интелектуалците како да немаат никакво влијание на политичките елити. Тие тераат своја политика и покрај укажувањата дека голем број не се согласуваат со нивните чекори. Не можам да тврдам дека постојат удбашки методи со кои се попречуваат преговорите меѓу двете земји, од причина што УДБ-а се споменува каде што треба и каде што не треба.

ОЗН-а/УДБ-а немаат никаква улога во формирањето на македонската нација во периодот по 1945 година. Напротив, ОЗН-а по ослободувањето ги прогонува оние елементи кои биле на македонска национална линија и за обединета Македонија.

Имено, во периодот непосредно по одржувањето на Првото заседание на АСНОМ и формирањето на Президиумот и назначувањето на поверениците на македонскиот политички врв во однос на „централата“ во Белград почнал да се однесува сосема самостојно. Информациите кои доаѓале од Македонија во Белград зборувале за тоа дека Македонците не знаат што е федерација и дека се однесуваат како Македонија да е самостојна држава. Поради тој факт било одржано Второто заседание на АСНОМ, крајот на декември 1944 година, на кое политиката на т.н. сепаратистичка и антикомунистичка група во која биле Методија Андонов Ченто, Павел Шатев, Венко Марковски, Михаило Апостолски, Петар Пирузе, Емануел Чучков, Димитар Влахов, Панко Брашнаров и др. била осудена од страна на емисарите од Белград Едвард Кардељ, Светозар Вукмановиќ – Темпо и др. На состанок на Политбирото на КПЈ во март 1945 година е донесена одлука со оваа македонска националистичка група да се расчисти поединечно. Сите од таа сепаратистичка и антикомунистичка група поради својот нагласен македонизам од кој не сакале да се откажат завршиле кој во Идризово кој на Голи Оток. Значи УДБ-а не само што нема никаква улога во формирањето на македонската нација напротив таа е машинеријата која ги прогонува оние кои се залагале за самостојна, независна и обединета Македонија. И тоа оди во прилог на изјавата на членот на британската воена мисија во Македонија Мекдоналд кој во еден свој извештај ќе истакне дека „Македонците пред сè се националисти, а потоа комунисти“, а во еден друг извештај се бара летоците кои биле спуштани со британски авиони да бидат пишувани на „македонски јазик“ и да се печатат слики на Гоце Делчев бидејќи го сметаат за свој херој.

Исто така, ОЗН-а/УДБ-а прогонува одредени илегални групи кои се формираат по ослободувањето, а чии членови биле против тоа Македонија да биде дел од федеративна Југославија. Голем дел од членовите на тие илегални групи биле фатени и осудени под изговор дека се приврзаници на идеите на Ванчо Михајлов. До крајот на 1953 година УДБ-а расчистила со македонските национални елементи кои се залагале за самостојна, независна и обединета Македонија, а кои биле во политичките тела на македонската држава.

Како ја оценувате работата на Заедничката комисија за историја на Македонија и Бугарија?

Не сакам да ја коментирам работата на историско-образовната комисија бидејќи сум против било каква комисија која ќе се ценка и ќе се надава за тоа што е моја/наша колективна меморија која се пренесувала од генерација на генерација. Не може шест-члена комисија да одлучува за историјата на еден народ и таа да ни определи од кога сме биле Македонци. Секој еден народ има своја историја која се градела со векови и не може да биде предмет на дискусија и ревидирање на било каква комисија. Самиот факт што како комисија дискутирате за вашите историски настани и личности вие покажувате дека имате проблем сам со себе и со сопствената историја. И уште нешто. Бидејќи Р. Бугарија нѐ призна како држава но не го признава народот/нацијата, јазикот, културата се поставува прашањето како разговараат членовите на комисијата како Бугари со Бугари или Македонци со Бугари. Комисијата е продолжена рака на политиката, бидејќи е формирана од неа и треба да испорача резултати на истата.

Дали сметате дека е возможно да се дојде до компромис помеѓу Македонија и Бугарија, а притоа да се сочува нашиот идентитет и посебност?

До компромис треба, а не мора да се дојде. Ако условот е да се обезличиме идентитетски, јазично, културно за да станеме членка на ЕУ преговорите и договорот треба да се раскинат. Ништо страшно. Во историјата се потпишале и се раскинале илјадници договори и никому ништо. Ќе се работи на друг во кој нема да се направат глупостите што ги направи владејачката македонската политичка елита. Договор во кој пред се ќе бидат заштитени македонскиот идентитет, јазик и култура нешто за што не треба, воопшто, да се дискутира. Се друго, економија, туризам, транспорт, земјоделие може да биде тема за дискутирање, но за идентитетските прашања никако. Тие се само наши. Тие се наши светињи.
https://plusinfo.mk/ne-makedonskata-naci-a-ne-e-formirana-od-udba-istoricharot-chepreganov-negira-deka-vo-makedoni-a-se-odvivala-asimilaci-a-na-bugari/