Герасимов и Георгиев: Со години лежевме по бугарските затвори само затоа што сме Македонци (ВИДЕО)

Стојан Георгиев и Стојан Герасимов не се откажуваат од својата борба за правата на Македонците во Бугарија. Тие и натаму се активни во забранетите македонски организации во Бугарија чија главна цел се правата на македонското малцинство во оваа земја. Во интервјуто за јутјуб каналот на здружението на граѓани Нов АСНОМ тие велат дека уште како гимназијалци во шеесетите и седумдесетите години од минатиот век биле прогонувани од бугарските власти само затоа што сакале да зборуваат на македонски јазик и да кажуваат дека се Македонци. И денеска, велат обајцата, нема голема разлика.


Стојан Георгиев и Стојан Герасимов

Стојан Георгиев е еден од основачите на ОМО Илинден-Пирин и денес почесен претседател. Тој вели дека уште во гимназијата во Петрич имал проблеми со тоа што сакал да каже дека е Македонец и со тоа што со дел од неговите соученици сакал да зборува на македонски јазик. Во тоа, вели Георгиев, во гимназијата најголем проблем му правела професорката по бугарски јазик.

„Таа ми велеше дека не постои македонскиот јазик. Изгубив една година во гимназијата само затоа што таа ми стави единица. Тогаш почна мојот сериозен ангажман во борбата за правата на Македонците во Бугарија. Ми велеа Македонија е географски поим, дека нема македонски јазик, дека Гоце Делчев и Даме Груев биле Бугари. Формиравме младинска македонска организација. Цел живот сум гонет од бугарските власти. Првпат во затвор бев 18 дена како младинец. Потоа основав организација од 67 члена. Но Бугарија има силна разузнавачка служба и брзо ме пронајдоа како основач на таа организација и во затвор поминав 4 години, од 1957 до 1961. Поради мојата активност во затвор бев и од 1973 до 1976. ОМО Илинден ја основавме во 1990 година“, вели Георгиев, а за Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија вели дека е неправеден и дискриминаторски затоа што нема ни збор за правата на Македонците во Бугарија.
„Па ние во затвор лежевме за Македонија, а за нас нема ни збор во тој Договор“, вели Георгиев.

И судбината на Стојан Герасимов е слична. И тој уште како младинец беше активен во борбата за правата на Македонците во Пиринска Македонија. Постојано бил под притисок да каже дека е Бугарин, ама тоа никогаш не го направил. Бил активен. Негови пријатели биле тепани од бугарските власти само затоа што пееле македонски песни, тој се побунил, пишувал пароли „Смрт на убијците, слобода за Македонците“ и завршил 4 години во затвор.

„Во војска имаше многу Македонци од Пиринска Македонија, пеевме македонски песни, и таму се договривме да направиме некаква организација. Во 1971 формиравме група и решивме да правиме нешто. Набрзо потоа го фатија благајникот на организацијата кој го имаше списокот на сите кои плаќавме членарина и сите еден по еден не викнаа во полиција. Така почна мојата борба за Македонија. Имав 18 години кога првпат бев во затвор. Вкупно шест години бев во затвор само затоа што велев дека сум Македонец и затоа што се борев за тоа и Македонците да имаат право на образование на мајчин јазик во Бугарија. Не знам зошто Бугарите толку многу не мразат нас Македонците, ми велеше баба ми. Од 1990 не ни забрануваат да си кажуваме дека сме Македонци, ама не и јавно затоа што нема да видиш бел ден. Тие сакаат се да е бугарско“, вели во разговорот Герасимов.
https://www.mkd.mk/makedonija/politika/gerasimov-i-georgiev-so-godini-lezhevme-po-bugarskite-zatvori-samo-zatoa-shto?fbclid=IwAR0EkAoB57eYRQVPBd1Ao1CNd59zfm8QFOP74DlA39rXg5irIRAm7pqlJuU