Новите бугарски власти треба да покажат лидерство и да ги истрпат ударите на псевдонационалистите, а влијателните јавни личности да се охрабрат и да признаат дека во односите со Македонија е направена голема глупост. Не смее да се повтори грешката како со обидите за асимилација на Турците од Бугарија бидејќи во спорот со Македонија не се работи за историски факти, туку за идентитетско прашање, вели Ивајло Дичев, професорот по културна антропологија на Софискиот универзитет, во интервју за Бугарското национално радио.
Универзитетскиот професор Дичев смета дека основна задача на новата бугарска влада е да излезе од актуелниот ќор-сокак и да најде пат за прагматично решение за спорот со Македонија. Тој вели дека целта на новата политика треба да биде зближување и соработка со соседите, со која преку нивната интеграција во Европската Унија ќе се оствари вековната мечта на предците што го положиле својот живот за сите земји, сите народи од овој регион да живеат во една заедничка држава.
„Тоа ќе бара лидерство. Тоа ќе бара некој да покаже смелост и да ги прими ударите на псевдонационалистите. Тој треба да направи калкулација и да утврди што е поважно – да имаме железничка линија, да имаме културна размена, да имаме бизнис-врски или е поважно етничкото потекло на Гоце Делчев. Мислам дека е јасно што е поважно. Оттаму ме чуди што нема многу луѓе што би се охрабриле и би излегле пред јавноста и би кажале – ‘направивме глупост, ајде брзо да ја смениме таа политика, да ја смениме насоката’. Јас лично сметам дека направивме огромна глупост со Македонија. Треба да си ја вратиме нашата улога во Европа, да се утврдиме како лидери на проширувањето на Балканот, зашто тоа е во наш интерес. Никој нас не нè притиска, тоа е глупост што се повторува. Тоа е само наш интерес“, вели Дичев во интервјуто за БНР.
Професорот Дичев потсетува на живковистичкиот обид со операцијата „повторно раѓање“ да се асимилираат Турците што живеат во Бугарија, наводно не под притисок, туку доброволно, со објаснување дека тие самите ги нашле своите бугарски корени.
„Резултатот од тоа беше катастрофален. Ги теравме да ги сменат имињата и да станат Бугари. Искрено се надевам дека таа грешка нема да ја повториме. Во случајот со Македонија не се работи за историски факти, туку за идентитетско прашање. Тоа донекаде се базира на историјата, но тоа се базира и на литературата, митологијата, филмот и низ многу други нешта. Идентитетот е живот, живеење, а не факти. Не може еден историчар да отиде таму и да им каже, сега вие сте Бугари или сега бидете Бугари. Тоа не може да се случи. Напротив, со нив треба да се зближиме, да соработуваме, да имаме културна размена и сето тоа како можност да ја прескокнеме бездната што е меѓу нас, а со која бевме разделени во почетокот на 20 век“, рече Дичев.