Започна постапката за отворање лекторат по македонски јазик во Корча



Во рамки на програмските активности на македонската амбасада во Тирана, кои се однесуваат на културната и јавна дипломатија, во Корча беше реализирана работна средба меѓу деканите на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и Филолошкиот факултет при Универзитетот „Фан Стилјан Ноли“ од Корча, информираа од амбасадата.

Цел на состанокот беше воспоставување непосредна соработка меѓу двата факултета насочена кон отворање на Лекторат за македонски јазик, како и области од научната и образовната проблематика. На средбата од македонска страна учествуваа деканот, проф. д-р Добри Петровски и проф. д-р Виолета Јанушева, а од албанска страна деканот, проф. д-р Јонела Спахо придружувана од продеканот за меѓународна соработка проф. д-р Орион Аго.

Се додава дека учесниците ја поздравија иницијативата на амбасадорот Данчо Марковски за отворање на лекторат за македонски јазик, за што деканот Јонела Спахо информирала дека постои целосна согласност. Во таа насока била изразена подготвеност за целосна поддршка во смисла на обезбедување простор и кадровска поддршка.

Изучувањето на македонскиот јазик на Универзитетот ќе има големо значење не само во делот на македонското национално малцинство а Лекторатот ќе претставува сериозна алатка во промовирањето на јавната и културната дипломатија на Македонија во албанските средини, додаваат од амбасадата.

Како претставник на македонското национално малцинство во Република Албанија, на средбата присуствуваше и Васил Стерјовски, лидер на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција.