Македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, придружуван од претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, потпреседателот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и администратор на административната единица Требиште, Едмонд Османи, беа во посета на граничниот премин Требиште – Џепиште, кај Дебар.
Во тек се завршните активности од страна на Министерството за внатрешни работи на Македонија, со што ќе се овозможи 24 часовно работно време на овој граничен премин и ќе се помогне на Mакедонците во областа Голо Брдо, каде има 22 населени места.
Овој премин, кој е втор на македонско-албанската граница кај Дебар е отворен во мај 2013 година и е за локален граничен сообраќај. Работи од 8 до 20 часот во летниот период и од 8 до 18 часот во зимскиот. Преминот е наменет пред сè за жителите во пограничните зони на двете држави, а од 2014 по изградбата на асфалтен пат и од албанска страна, може да се патува и со моторни возила.
Владите на двете земји на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година донесоа одлука преминот да работи 24 часа.
Поради близината, од околу 15-тина километри за време на зимскиот период, кога областа со денови е завеана во снег единствен најблизок излез е токму овој премин, па тешко болните се носат во болницата во Дебар, каде од хуман аспект никогаш и никого не го вратиле без да ја добие потребата здравствена услуга.