Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, на 15 август 2019 година оствари средба со Васил Стерјовски, пратеник со македонско потекло во Собранието на Република Албанија, како и со делегација на политичката партија Македонска алијанса за европска интеграција од Република Албанија.
На средбата претседателот Пендаровски изрази задоволство од изборот на Стерјовски, како дел од албанското Собрание и изрази уверување дека со неговата работа ќе придонесе за натамошно унапредување на севкупната соработка меѓу Македонија и Албанија, како две соседни и пријателски држави и позитивно ќе придонесе за унапредување на положбата на македонското малцинство во Албанија.
Република Македонија и Република Албанија, истакна претседателот Пендаровски на средбата, имаат идентични приоритети и визија за иднината, посветени се на добрососедските односи, на регионалната соработка, на интеграцијата во европските структури.
Претставниците на Македонската алијанса за европска интеграција ги претставија тековните активности на партијата, за коишто очекуваат придонес од Кабинетот на Претседателот Пендаровски, а чиј фокус е унапредување на положбата на македонското малцинство во Албанија. (Македониум)