Во селото Леска, општина Пустец, Мала Преспа на 30 мај 2019 година оддаден му беше едногодишен помен на Спасе Мазенковски големиот македонски патриот, писател новинар и публицист и еден од најголемите борци за правата на Македонците во Албанија.
Почит му искажаа голем број негови сограѓани, колеги, претставници на македонските друштва, локалната власт, како и македонската партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
„Македонците во Албанија не го забораваат неговиот огромен придонес во борбата за остварување на правата на Македонците во Албанија и зачувување на македонскиот национален идентитет. Целиот свој живот го посвети во афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет и за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија“, изјави Васил Стерјовски, генерален секретар на МАЕИ, а од неодамна пратеник во албанскиот Парламент.
Спасе Мазенковски целиот свој живот го мина и твореше во селото Леска, каде беше роден и каде се наоѓа неговото вечно почивалиште.
„Како основач и претседател на Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа” и основач и главен уредник на весникот „Преспа” имавме голема соработка, сѐ во насока на доброто на Македонците и нивно навремено и објективно информирање“, вели неговиот најблизок соработник Ефтим Митревски, главен и одговорен уредник на весникот „Преспа“.
Мазенковски на македонски јазик има објавено повеќе поетски збирки, книги, раскази и репортажи „Преспа моја”, „Разбојна китка”, „Торбулето на татко ми”, „Преспанска убавица”, „Лабид и Преспана”, „Рѓосани бисери”, „Историја на македонскиот народ во Албанија”, која е преведена на албански јазик.
Беше член на Друштвото на писатели на Македонија и на Друштвото на писатели „Новиот свет” во Албанија. (Македониум)
– October 16, 2019Posted in: Flash news