Македонското друштво „Сонце” во соработка со универзитетот „Фан Ноли” на 27 декември 2018 година, во Корча, Албанија, организираа научен симпозиум посветен на животот и литературното дело на Стерјо Спасе. На симпозиумот, со свои трудови учествуваа научни работници од Албанија и од Македонија.
Ректорот на универзитетот „Фан Ноли”, проф др. Али Јашари му се заблагодари на синот на Стерјо Спасе, Илинден Спасе, кој како достоен наследник на родителот дава вреден придонес на албанското образование”.
„Како што можете да видите, и покрај студеното време, се собравме заедно, Албанци и Македонци, политичари и дипломати, педагози и други научници, да го почитуваме животот и работата на големиот писател и просветител на дваесеттиот век, Стерјо Спасе. И ова беше овозможено благодарение на иницијативата и посветеноста на Васил Стерјовски, историчар и претседател на македонското друштво ‘Сонце’, кого сакам особено да му се заблагодарам. Името на Стерјо Спасе и неговото литературно дело е длабоко вградено во културата на генерациите наставници по јазик и литература од седумдесетите години на минатит век, еден од кои сум и јас, но ова продолжува и до ден-денес во наставните програми на албанската литература која се одвива со нашите студенти на Факултетот за образование и филологија на Универзитетот во Корча, од кои многумина се од македонското малцинство. Ви ветувам дека за многу брзо, за да го овековечиме името на Стерјо Спасе на Универзитетот во Корча, универзитетската научна библиотека која се наоѓа во просториите на Ректоратот ќе го носи неговото име”, рече Јашари.
Васил Стерјовски на симпозиумот рече дека го чествуваат и вреднуваат колосот на современата албанска литература, Стерјо Спасе.
„Денеска сме тука, да се потсетиме и да го почитуваме истакнатиот писател на дваесеттиот век, еден од придонесувачите на албанското образование Стерјо Спасе, човекот кој пишуваше за едукација на цели генерации Албанци и кој никогаш не ги криеше македонските етнички корени. Стерјо Спасе е исто така познат како преведувач, собирач на фолклорот, традициите и обичаите на македонската заедница во Преспа, но и како уредник на учебници за децата од македонската заедница во Преспа и село Врбник во Деволската област.
Неговото родно село, Глобочени, областа на Преспа, како и сите Македонци во Албанија со право се горди што на нашата земја му дадоа доживотен писател чии дела се вклучени во албанската книжевност како важен придонес на Македонците во албанското општество.
Стерјо Спасе, со делата што ги остави зад себе, направи истовремено да се чувствуваат горди и албанскиот народ и македонскиот народ, за што особено треба да му бидеме многу благодарни. Во книгата „Писма до мојот внук Аријан” Стерјо Спасе напишал дека во неговите вени течи македонска крв, но неговата душа и интелект се албански. Одржувањето на овој научен симпозиум, освен што се сеќава на животот и делото на Стерјо Спасе, отвора нов прозорец на културна комуникација меѓу албанската и македонската нација и придонесува за добрите односи меѓу двете земји, Република Албанија и Република Македонија“, рече Стерјовски.
На симпозиумот присуствуваше и министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми кој рече дека литературното дело на Стерјо Спасе, неговото творештво е важен мост помеѓу Македонците и Албанците“.
“Стерјо Спасе, писателот со македонско потекло, роден во Мала Преспа претставува симбол на подобрата интеграција на македонското малцинство во албанското општество како и симбол на културната а и севкупната соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија.
Стерјо Спасе напиша голем број романи, разкази и други литературни дела со кои се гордееше Албанија, неговото родно село Глобочани а секако и Република Македонија за која Стерјо Спасо претставува и поим за самите Македонци во Албанија.
Стерјо Спасе беше достоен Македонец кој како автор на повеќе дела во албанската литература даде значаен придонес за Македонците во албанското општество, и затоа од огромно значење за Владата на Република Македонија а и за Македонската литература се неговите дела, да бидат преведени на македонски јазик и стручно научно обработени”, рече Адеми.
Албанскот претседател Илир Мета со признанието „Витез на редот на знамето” постхумно го одликува Стерјо Спасе. Признанието го прими неговиот син Илинден Спасе.
-Со огромно задоволство ја прифатив поканата да учествувам на овој симпозиум, кој го вреднува и го чествува животот и делото на големиот интелектуалец и писател Стерјо Спасе и искрено им честитам на Универзитетот „Фан С. Ноли“ и македонското друштво „Сонце“ за органзацијата на овој настан. Стерјо Спасе останува писател, граѓанин, интелектуалец, публицист, кој го создаде својот историски обем и е дел од оние личности кои на историјата и дадоа посебен квалитет, рече Мета.
Неговиот познат роман “Зошто” го најави создавањето на современа литература во Албанија, рече Мета и додаде дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија туку на Балканот и Европа.
-Како истакнат син на македонската заедница, Стерјо Спасе стана духовна инспирација и мост на соработка меѓу Албанците и Македонците. Животот, активноста и делата на оваа посебна и истакната личност е хармонична симбиоза во еден човек на двете општества или народа во полза на хармонија и љубовта. Вечно да е неговото дело. Стерјо Спасе секогаш ќе остане едно и неделливо, оцени Мета.
Професорот Илинден Спасе, синот на Стерјо, му се заблагодари на Илир Мета за титулата „Витез на редот на знамето” и кажа дека за неговиот татко токму Корча беше првиот прозорец каде тој се сретна со граѓанска култура, каде ја почувствува топлата рака на неговите први учители Риза Алити, Никола Митацен, Ило Митк Ќафзези, Сотир Папакристо…
„Корча, е градот каде што тој за прв пат го објави во 1935 година, романот „Зошто?!…, првично во неколку изданија на весникот Корча, а потоа и како посебна книга. Тука ги доби првите впечатоци за овој роман, впечатоци кои го ценеа и критикува романот во целиот печат на овој град. Токму од граѓаните на овој град, се роди изразот што го овековечи неговото име. “Зошто?”, “Зошто” не го најде Стерјо Спасе. Значи, целиот печат на Корча стана главна негова поддршка што го инспирираше да ги потенцира своите таленти како наставник, публицист, новинар и писател.
Мојата благодарност до организаторите на овој симпозиум за Универзитетот “Фан Ноли”, предводен од ректорот, проф. Д-р Али Јашари; за здружението “Сонце”, раководенo од Васил Стерјовски, за излагачите и сите учесници, премногу длабоки се и премногу чувствителни за нас семејството, а особено за неговите соселани од македонската заедница кои го обожаваа Стерјо не како писател, но како човек …”
Од моето срце ми доаѓаат два збора – благодарам Корча“, рече Илинден Спасе.
Научниот симпозиум преку писмо упатено до присутните, го поздрави и претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.
“Длабоко жалам, што заради семејни причини сум спречен да присуствувам денес на Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча, за што на сите присутни им се извинувам.
Стерјо Спасе е еден од најуспешните писатели во Албанија со македонско потекло. Творејќи на албански јазик, Спасе остана горд на неговото македонско потекло. Неговата големина како човек и творец ги поврзува заедно албанскиот народ и македонскиот народ.
Се гордеам со мојот пријател Васил Стерјоски кој како Претседател на Македонското друштво „СОНЦЕ“ неуморно ја води битката за подобар живот и права за нашите браќа и сестри Македонци кои живеат таму.
На крајот сакам посебно да го поздравам мојот искрен пријател Претседателот на Република Албанија, Илир Мета, кој на дело покажува дека вистински го почитува Македонскиот народ”.
На симпозиумот освен познати научни работници од Македонија и од Албанија, присуствуваше и македонскиот амбасадор во Тирана Данчо Марковски. Симпозиумот со одржа со подршка на Австралиско-македонскиот комитет за човекови права и Македонското меѓународно движење за човекови права.
Стерјо Спасе (14 август 1914 – 12 ноември 1989) е албански писател и критичар од македонско потекло. Автор е на проза и раскази, романи, учебници и репортажни записи. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби. Неговите дела се преведувани на неколку светски јазици. (Македониум).