Во организација на грчката партија во Албанија, Партијата за човекови права, во која членуваат припадници на грчкото малцинство, во Тирана, се одржа тркалезна маса на тема “Предизвикот за малцинските права сè уште без одговор”.
Средбата е одржана по повод 10-ти декември, Меѓународниот ден на човековите права. Со неа раководеше лидерот на партијата Ванѓел Дуле а со свои дискусии учествуваа преставници на грчката, македонската, влашката, ромската, српската, бошњачката и египтјанската заедница во Албанија.
– Преставниците на малцинствата бевме едногласни дека “Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија” не ги решава проблемите со почитување на правата на малцинствата на целата територија на земјата. Иако овој закон се донесе пред една година, се уште не е стапен во сила, бидејќи не се усвоени подзаконските акти со кој ќе се овозможи негова имплементација, изјави Васил Стерјовски, претседател на македонското друштво “Сонце”.
Покрај тоа, додава тој, на средбата договорено е да се формира кординативно тело со преставници од сите малцинства, со цел заеднички да се борат за нивните легитимни права во Албанија. (Македониум)