(MK) ФОРМИРАНА ФОНДАЦИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“

На 07.10. 2015 година, во голема сала на хотелот „Александар Палас“ во Скопје се формира Фондацијата „Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски“.

Gjorgjija Xhorxh Atanasoski

Чинот на формирањето се изврши пред голем број присутни, поддржувачи на овој познат македонски иселеник од Флорида, од Соединетите Американски Држави, бројни гости од цела Република Македонија, од егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, од општина Пустец и други места од Мала Преспа и Албанија, од Гора, претсавници од општествено-политичкиот живот, од дипломатскиот кор, претставници на Македонската православна црква, од Македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ од Соботско, како и претставници на бројни хуманитарни и други организации од Прилеп и Скопје.

На свеченото основање на присутните им се обратија директорот на Фондацијата, Николас Атанасоски, роден Американец, а горд Македонец, син на Џорџ Атанасоски. Тој, меѓу другото, рече дека Фондацијата „Ѓорѓија Џорџ Атанасоски“ ќе ги унапреди сите досегашни хуманитарни и донаторски активности во Македонија и регионот. Исто така, Фондацијата ќе биде посветена на промовирање на македонската култура и традициите, ќе иницира широк спектар на програми кои ќе ги опфатат сите Македонци од етничка Македонија, а ќе се грижи и за богатото македонско културно и духовно наследство.

Основачот на Фондацијата Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски, пак, истакна дека владеење на
правото, почитувањето на човековите слободи и права, економскиот развој, толеранцијата за различностите, се столбови на кои треба и мора да опстојува модерната Македонска Република.

За таа цел Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски ја основа Фондацијата преку која ќе се промовира македонската култура и традициите преку поддржување на образованието, медиумите, јавното здравство, човековите права и правата на жените, спортот на социјалните, правните и економските реформи.

Исто така, Атанасоски рече дека активностите на Фондацијата ќе бидат насочени кон зачувување на уставното име на Република Македонија, унапредување и заштита на македонскиот национален идентитет, стипендирање најдобри ученици, студенти, поттикнување на спортскиот дух, развивање и реализација на едукативни програми, подршка на мали бизниси, издавање публикации, организирање дебати и трибини за македонското културно творештво, развивање на етничка толеранција, промовирање на социјални проекти од интерес на заедницата, реставрирање на стари градби, финансирање на археолошки истражувања и друго.
Во делот на промоцијата на второто издание на монографијата „Ѓорѓи – Џорџ Атанасовски, авторот на овие редови, меѓу другото рече дека неговото дело е изблик на силната љубов на патриотот и големиот бизнисменот кон родната земја – Македонија, која, во исто време, претставува и гордост и радост и тага и сон и јаве за Македонеците во дијаспората. Монографијата е свидетелство на неговото духовно и национално живеењена, на убавиот збор и откривањето на животот и постигнувањата на овој доблесен патриот.

Второто издание на оваа двојазична монографија (на македонски и на англиски јазик) која содржи 500 колорни страници, претставува еден вид огледало за ликот и делото на Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски. Со монографијата се овековечува овој познат и признат Македонец, за кого со право се вели дека нему му припаѓа заслужното високо место во градењето пријателски и бизнис мостови меѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија.

Славе Катин