ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ЌАФАСАН МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА ЌЕ СЕ МИНУВА СО ЕДНО ЗАСТАНУВАЊЕ

Од денеска, граничниот премин Ќафасан меѓу Македонија и Албанија ќе се минува со едно застанување. Премиерите на двете земји Христијан Мицкоски и Еди Рама денеска го означија почетокот на работа на „Уан стоп шоп“ на овој граничен премин.

Како што беше кажано, со „Оне стоп шоп“ ќе го олесни транспортот и ќе се намали времето на патување односно помалку ќе се чека за минување на границата.

„Очекувам овој начин на комуникација да продолжи и на другите гранични премини коишто ги имаме со нашиот западен сосед, Албанија, и на тој начин дополнително да ги зголемиме врските помеѓу граѓаните од двете страни на границата. А исто така, ‘Уан стоп шоп’ системот ќе додаде вредност и во делот што значи зголемување на туризмот и туристичкиот потенцијал којшто го имаат двете земји. Кога зборувам за двете земји, тука мислам на охридското крајбрежје, Охрид и Струга, како и останатите општини кои гравитираат, и секако морето во Албанија“, рече премиерот Мицкоски.

Премиерот на Албанија Еди Рама рече дека досега на овој граничен премин важеле изреката ‘контролирај, контролирај‘, а сега ќе биде ‘верувај и контролирај‘.

Во 2025 година на граничниот премин Ќафасан имало 2,3 милиони поминувања, што е повеќе од половина од вкупните поминувања на граничните премини меѓу Македонија и Албанија.